Координираниот пристап во водење на монетарната и фискалната политика фактор за макроекономска стабилност и економски раст

Bez autora
Jul 04 2024

Меѓусебна соработка и координиран пристап во спроведување на фискалната и монетарната политика е клучот за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност.

Ова беше констатирано на денешната средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерката Димитриеска-Кочоска на средбата потенцира дека Министерството за финансии ќе води фискална политика насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. „Фискална политика“, додаде, „која ќе биде во функција на економскиот раст, во услови на умерено и одржливо ниво на дефицит и јавен долг“.

Очекува дека добрата координација на монетарната и фискалната политика заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс ќе придонесат кон намалување на инфлацијата којашто се очекува во периодот 2025-2028 година да изнесува помеѓу 2% и 2,5% на годишно ниво.

На средбата од страна на министерката беше посочено дека Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка и очекува дека таа преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен и стабилен финансиски систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ѝ го честиташе стапувањето на функција на министерката Димитриеска-Кочоска и ја истакна заложбата за координирање помеѓу монетарната и фискалната политика заради задржување на макроекономската стабилност.

„Ефикасната соработка помеѓу монетарната и фискалната политика е од витално значење за надминување на економските предизвици од денешницата и за поттикнување одржлив раст. Во услови на глобална неизвесност, усогласувањето на овие политики е исклучително важно за стабилизирање на инфлацијата на трајна основа, за поддршка на инвестициите и на вработеноста. Со овој координиран пристап се зајакнува економската отпорност и на преден план се става стабилноста во окружувањето коешто постојано се менува“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik