Претставници на Народната банка со свои презентации во билатералната фаза за областа „економски критериуми“

Bez autora
Dec 26 2022

Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи по одделни поглавја и области во тековниот процес на билатералната фаза на аналитички преглед на законодавството (англ. screening) со Европската Унија. Во рамките на првиот кластер ‒ Фундаментални вредности, главната економистка, Анета Крстевска и директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика при Народната банка, Наташа Андреева учествуваа со свои презентации во билатералната фаза на аналитички преглед за областа „економски критериуми“.

Во делот за макроекономската стабилност, акцентот беше ставен на нејзиното постојано одржување во изминатите децении, како одраз на здравите и претпазливи политики, но и на преземените структурни реформи што ја зголемуваат отпорноста на економијата на шокови. Во однос на ценовната стабилност, беше нагласено дека долги години просечната инфлација е на ниско и стабилно ниво. Исклучок е последнава година, кога повисоката инфлација е глобален феномен, под влијание пред сѐ на фактори на страната на понудата. Но, поради долготрајното делување на овие фактори, инфлацијата станува пораспространета и влијае на инфлациските очекувања, што наметнува потреба од монетарнo затегнување во глобални рамки и кај нас. Поставеноста на монетарната политика на Народната банка во последниот Извештај на Европската Унија беше оценета како соодветна. Исто така, беа презентирани и движењата во надворешниот сектор, при што беше нагласено постојаното одржување на девизните резерви на адекватното ниво, што е особено значајно за централна банка којашто применува стратегија на целење на девизниот курс.

Во делот за финансиската стабилност беше презентиран напредокот во доменот на макропрудентната инфраструктура, остварен со стапувањето во сила на Законот за финансиска стабилност, во август 2022 година. Беше укажано дека со овој закон, постојниот Комитет за финансиската стабилност е законски врамен како меѓуинституционално тело одговорно за спроведување и следење на макропрудентната политика и координирање на активностите за идентификување и следење на системските ризици во финансискиот систем, преземање макропрудентни мерки и управување со финансиската криза. Значајна новина е што Законот им доделува мандат на надлежните органи за преземање макропрудентни мерки за нивните релевантни сегменти, уредувајќи го и макропрудентниот мандат на Народната банка во доменот на банкарскиот сектор и другите надлежности утврдени со закон. Народната банка има водечка улога во креирањето и спроведувањето на макропрудентната политика и во следењето и одржувањето на финансиската стабилност. Беше даден и осврт на структурата на финансискиот систем и на важноста на банкарскиот систем за севкупната финансиска стабилност. Беше истакнато дека банкарскиот сектор добро се справи со ризиците од пандемијата и неговите активности се зголемуваа дури и во тековните услови наметнати од глобалната енергетска криза. Главните столбови на стабилноста на банките се високата и стабилна ликвидност и солвентност.

Поглавјата и областите од првиот кластер се отвораат први, а ќе се затворат последни. Во областа „економски критериуми“ се разгледуваат примената и ефектите од регулативата којашто се спроведува во различни економски подрачја, како и ефектите од спроведувањето одделни политики, стратегии и реформски зафати во економијата. Целта е преку следење на трендовите да се оцени напредок и постепено конвергирање на домашната економија кон функционална пазарна економија и зголемување на способноста за соочување со конкурентните притисоци и пазарните сили во ЕУ.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik