Грчка компанија за вредност од речиси 1 милијарди евра ќе ја гради хидроцентралата „Чебрен“

Bez autora
Sep 18 2023

По објавениот меѓународен јавен повик за изградба на еден од најголемите проекти во енергетиката и во производството на електрична енергија кај нас, хидроцентралата „Чебрен“, во согласност со извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница донесе одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија, кој беше дел на тендерската документација, информираат од ЕСМ.

Хидроцентралата „Чебрен“, според соопштеното, беше предизвик со години за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините фактори задолжени за спроведување на овој голем проект во дело.

„АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се гордеат што во нивни мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на „Чебрен“, државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инфраструктурен објект да почне да се гради.

Хидроцентралата „Чебрен“ е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата.

Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ „Чебрен“ е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, се додава во информацијата.

По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, се очекува да се почне со градба, која е предвидена да трае 7 години.

„’Чебрен’ е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделство и слично со висина на браната од 192 метра, со што ќе биде една од највисоките во светот.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, треба да се каже дека „Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект „Чебрен“ почнува со првите физибилити-студии во 60-тите години. Досега имало 13 неуспешни тендери во последните 20 години. Постојниот јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.

Ова е уште еден во низата големи инвестициски проекти во енергетиката. Иако можеби „Чебрен“ е најголем, ние не запираме тука. Продолжуваме“, велат од ЕСМ.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik