Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се обрати на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“, која моментно е и најголема на Балканот.
Новата централа е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh, што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Премиерот Ковачевски истакна дека ова е доказ како работи една одговорна Влада и како создава услови за изградба на вакви крупни инвестиции.
„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет и успеавме кризата да ја претвориме во можност. Со овие стратешки политики овозможуваме на долг рок предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви дена секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме зелен енергетски центар во Европа. Дека е тоа така, говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор успеавме да инсталираме сè поголем број централи за обновливи извори на енергија.
Ќе ви дадам една споредба, во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати, 16 мегавати обновливи извори на енергија. Од првиот ден на Владата што јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, од 17 јануари 2022 година до денес, 450 мегавати обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК ‘Битола’, кој произведува чиста зелена енергија што не ја загадува околината“, изјави Ковачевски.
Во моментот, како што рече тој, она што е најважно е дека инвестиции без економска и политичка и без безбедносна стабилност нема. Тој нагласи дека влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии, особено во делот на енергијата.
„Затоа нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет, кој еден ден набргу ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазарот од 500 милиони жители“, рече Ковачевски и додаде дека Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии и напуштање на производството на електрична енергија од јаглен, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции.