Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, на заедничка прес-конференција со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, го презентира предлог-буџетот за 2023 година.
Ковачевски посочи дека предложениот буџет за транспорт и врски е развоен, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст, основа за понатамошен развој, што е особено важно во овие услови на најголема економско-енергетска криза.
„За следната година за транспорт и врски имаме развоен буџет, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст, основа за понатамошен развој, што е особено важно во овие услови на најголема економско-енергетска криза во светот.
Предлог-буџетот за Министерството за транспорт и врски за 2023 година изнесува околу 324 милиони евра, што е 135 % зголемување од оваа година. Буџетската каса е проектирана за реализација на крупни капитални проекти, како што се: изградба на автопатот на Коридорот 8 и на Коридорот 10 Д; изградба на железница на Коридорот 8; изградба и санација на локални патишта во општините; гасификација; изградба и реконструкција на водоводни и канализациски мрежи; субвенции за нови авиoлинии, како и подобрување на транспортот на граничните премини“, посочи тој.
И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско-енергетска криза интензивно работиме на изградба и реконструкцијата на главните патни делници во земјата, додаде Ковачевски.
„Во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8 за што се предвидени 244 милиони евра. Регионалното поврзување и соработка е еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна важност за развојот на нашата економија. Очекуваме в година да заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид и веќе во јануари 2024 година да може граѓаните, сите ние, да возиме по тој автопат. Активно продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, третата лента на патот Паланка – Деве Баир. Во рамките на овој коридор наредната година треба да почне изградбата на автопатските делници Ќафасан – Струга – Требениште, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Коридорот 10 Д – Прилеп – Битола. Активно ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Скопје – Блаце (прва фаза), Битола – Меџитилија и други автопатски делници“, посочи Бочварски.
Појасни дека во рамките на Коридорот 8, со предлог-буџетот за транспорт и врски, 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата на овој коридор. На крајот на октомври годинава го означивме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка и активно изградбата продолжува и во 2023 година. Овој огромен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и, генерално, за соработката на регионот во целина, како и соработката на регионот со други региони во Европа.
И наредната година продолжуваме со темпото на изградба и санација на локални патишта во општините за што се предвидени над 6 милиони евра, со кои значително се подобруваат условите за живеење.
Според надлежните, во новиот предлог-буџет предвидени се 1,7 милион евра за спроведување на гасификацијата, односно за завршување на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар.