Бочварски: Со изградба на Коридорот 8 стануваме неизбежна транспортна рута во регионот

Bez autora
May 16 2023

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска престојува во работна посета на Црна Гора, каде учествува на министерската конференција посветена на поврзаност на земјите од Западен Балкан, а во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА.

Во рамки на Конференцијата, го потпиша Анексот на Одлуката на Европската комисија – „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија“, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.

Обраќајќи се пред присутните, тој ја истакна важноста од регионалната поврзаност, со посебен акцент на патниот и железнички Коридор 8 и проектите што се реализираат на истиот.

„Денеска ја потпишав Спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската Унија за впишување на овој многу значаен Коридор на оската исток – запад во мапата на главните европски коридори. Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10“, изјави Бочварски.

„Развојот на Коридор 8 долж оската исток – запад е неопходен економски и политички инструмент кој на регионот ќе му помогне да ја подобри регионалната поврзаност и стабилност“, додаде министерот.

Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство.

Со геостратешката положба на Република Северна Македонија и фактот дека Коридорите 8 и 10 се дел од главната транспортна мрежа, стануваме неизбежна транспортна рута не само во регионот, туку и пошироко.

Целта на транспортната политика на Северна Македонија се Коридорите 8 и 10 како дел од основната мрежа до 2030 година односно до 2040 година за проширената главна мрежа да бидат изградени по ТЕН-Т ЕУ стандардите.

На Конференцијата, покрај Бочварски, присуствуваа и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik