И претходно имаше идеи дека во земјава ќе дојдат Гугл и Мајкрософт ако им се понуди данок од 3 проценти, но тоа не се случи, велат од Инстутутот „Фајнанс Тинк“ по најавите на Владата дека ќе го намли данокот на добивка за да привлече инвестиции на мултинационални компании.
Преку мерка за намалување на данокот на добивка за најбогатите компании, Владата сака да привлече мултинационални компании кои ќе инвестираат во Македонија и со тоа повеќе да се полни државниот буџет.
Најавата дојде деновиве од премиерот Христијан Мицкоски по средба со бизнис заедницата, според изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Планот е Владата да го намали данокот на добивка од 10 на 5 проценти за фирмите кои заработуваат над 50 милиони евра, со цел да дојдат нови мултинационални компании во земјава.
„Тоа ќе значи повеќе ликвидност за македонската економија и повеќе пари по основ данокот на добивка во Буџетот“, рече Мицкоски.
Дел експерти со кои разговаравме веруваат дека оваа мерка може да даде позитивен ефект. Но, други се скептични и сметаат дека успешни фирми не се привлекуваат со ниски даноци.
И сегашните даноци се ниски
Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ велат дека во моментов просторот за намалување на директните даноци на големите компании е ограничен, главно поради тоа што и моменталното ниво на даноци во земјата е ниско, а ефектите од ниски даноци се главно исцрпени.
„Особено нема простор да се оди во насока на регресивности, туку напротив регресивности кои се присутни во системот треба да се елиминираат. Исто така, во процесот на привлекување странски инвестиции, данокот на профит не игра клучна улога, а реинвестираниот профит и во моментот не се оданочува. И претходно имаше идеи дека на фирми како Гугл и Мајкрософт би им се понудил данок од 3 проценти, но нивно доаѓање во Македонија не се случи“, велат од Finanse Think за Радио Слободна Европа.
Според достапните податоци, минатата година само пет компании имале добивка над 50 милиони евра. Тоа се „Џонсон мети“, банките – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска и Јавното претпријатие за државни патишта.
Иако од Владата велат дека измените се уште не се прецизирани, министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска на брифинг со новинарите објасни дека измените не се планираат за да им се намалат даноците на фирмите кои веќе работат во Македонија, туку да се привлечат нови, богати компании.
„За разлика од странските инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони, кои 10 години целосно се ослободени од данок на добивка, овие фирми за кои се планира намалување, не мора да имаат производство во земјава, туку само да бидат регистрирани овде привлечени од ниските даноци“, рече Димитриеска – Кочоска.