По првите 2 се очекува јавен повик и за третата мерка од ИПАРД 3, за поддршка на инвестиции во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба. Кофинансирањето е 50 проценти од вложените средства …
Преработувачите на земјоделските производи и задругите можат да се подготвуваат за аплицирање на новиот јавен повик од ИПАРД 3. Платежната агенција најавива дека наскоро ќе има оглас за поддршка на инвестициите во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба.
Прифатливи за кофинансирање се 50 проценти од трошоците за набавка на опрема услуги, градежни материјали и елементи за изградба или реконструкција на згради и објекти.
Прифатливи инвестиции се и набавката на опрема за производство на енергија со преработка на биомаса од растително и животинско потекло.
Инвестициите треба да се од најмалку 50 илјади до најмногу еден и пол милион евра.
Приоритет ќе имаат вложувањата за преработка на млеко и млечни производи, месо и месни производи, за јајца и за живина. Пари ќе има и за преработка на овошје и зеленчук, житарици, мелнички производи и вино.
Земјиштето на кое се планираат објектите треба да е во сопственост на барателот на средствата или да е земено под закуп или концесија за најмалку 7 години од денот на аплицирањето.