Премиерот Димитар Ковачевски во видеообраќање упати честитки до менаџментот на компанијата „Јагео“ и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски, по повод новата инвестиција на „Јагео“ во зоните во Скопје и Штип во доменот на електрониката.
Вели дека станува збор за најголемата гринфилд-инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, во вредност од 205 милиони евра и над 3.900 нови работни места.
„Тоа е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени во светот. Електронските компоненти што ги произведуваат и кои се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал-кондензатори се користат за авионската и автомобилската индустрија, 5Г и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија и слично“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на инвестициите во ТИРЗ.
„Последниве две години постигнати се договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра. Имаме над 16.500 вработени во зоните, што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз, што е највисоко ниво во последните 5 години“, рече премиерот и потенцира дека само минатата година компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3,7 милијарди евра на годишно ниво“, изјави Ковачевски.