Парите се распределуваат преку јавни повици на кои право да се пријават имаат сите општини, особено помалите и помалку развиените на кои најчесто им недостигаат соодветни стручни тимови за управување со инфраструктурните проекти низ клучните фази на нивната реализација.
Околу 1,6 милиони евра се обезбедени во рамките на т.н. Фонд за техничка документација за поддршка на општините во изработката на техничка документација за инфраструктурни проекти. Средствата се обезбедуваат преку јавни повици за избор на приоритетни проекти од транспортната, сообраќајната, социјалната, водостопанската и енергетската инфраструктура на локално, меѓуопштинско и регионално ниво.
Фондот за техничка документација е инструмент воспоставен со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имлементација на проекти“, а е финансиран од Шведска и од Бирото за регионален развој. Со него се обезбедува финансиска и стручна поддршка на општините за идентификација и развој на приоритетни инфраструктурни проекти спремни за финансирање во рамките на постојните домашни и меѓународни финансиски извори.
Инаку, во рамките на претходната фаза на проектот (2019 – 2023) веќе се изработени преку 65 комплети на техничка документација со вкупна вредност од над 120 милиони евра, од кои дел веќе обезбедиле финансирање. Тековната фаза на проектот (2023 – 2026), пак, ќе поддржи изработка на дополнителни 30 комплети на ваква техничка документација во рамките на три последователни повици.
Во тек е вториот повик за избор на проекти кој се фокусира на
проекти коишто би придонеле кон намалувањето на загадувањето на воздухот
во општините.
Овој финансиски инструмент е воспоставен откако претходно е утврдено
дека општините недоволно ги искористуваат постојните фондови и имаат
потешкотии при реализацијата на одобрените градежни проекти, токму
поради недостигот на квалитетна техничка документација.
Парите од Фондот се распределуваат преку јавни повици на кои право да се пријават имаат сите општини, особено помалите и помалку развиените кои најчесто имаат недостиг на соодветни стручни тимови кои би управувале со инфраструктурните проекти низ клучните фази на нивната реализација.
Со поддршка на Фондот на општините им се овозможува да влезат во интензивен инвестициски циклус за реализација на инфраструктурните проекти кои значително би го подобриле квалитетот на живот на своите граѓани. Исто така, самиот проект дава можност за јакнење на капацитетите на општинската администрација за управување со ваков тип на проекти што е клучно за одржливоста на целокупната иницијатива.