Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, оствари средба со еден од основачите на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, претседател на Заф-групацијата, и членовите на бордот, Никица Мојсовска-Блажевски, извршен директор на МК 2025, Живко Мукаетов, извршен директор и претседател на Управниот одбор во „Алкалоид“, и Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“.
Целта на средбата беше унапредување на соработката во делот на поттикнување и привлекување странски инвестиции во земјата и мобилизација на поддршката од етаблираните членови на организацијата во глобални бизнис-рамки. На средбата се разговараше за конкретни можности за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности.
Деспотовски им се заблагодари за досегашниот придонес на „Македонија 2025“ за поддршката и промоцијата на земјата како инвестициска дестинација. Директорот на ТИРЗ, меѓу другото, го презентира и новиот концепт за поттикнување инвестиции и можности за странски инвеститори со фокус на напредни технологии. Тој нагласи дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што поблиску се фокусира на реалните потреби на инвеститорите и креира соодветна поддршка.