Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид бележат пораст од 30 отсто на патничкиот сообраќај за периодот јануари – септември 2023 година во однос на 2022 година и пораст од 15 % во однос на 2019 година.
„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, членка на Групацијата АДП, известува за силен пораст на бројот на патници за периодот јануари – септември 2023 година кога вкупно 2,4 милиона (2.357.712) патувале преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, што претставува годишен пораст од 30 проценти во однос на 2022 година.
Во споредба со 2019, која се смета за референтна година во воздухопловството, како најдобрата година во однос на патничкиот сообраќај пред Ковид-19, двата аеродрома бележат 15 % повеќе патници во периодот јануари – септември 2023 година.
Во однос на бројот на летови за истиот период, годишниот пораст е 19, односно 5 % во споредба со 2022 и 2019 соодветно, или на аеродромите во Скопје и Охрид се реализирани и опслужени вкупно 17.683 лета.
„Ние како ТАВ навистина сме среќни што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30 % на аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Особено ни е драго што за 9 месеци од 2023 година, со 2,4 милиона патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродрома не само што ја надминува референтната 2019 година за 15 % туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2 % од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година со новите линии и новите авиокомпании што влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на соборување нови рекорди“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Во 2023 година, досега, две нови авиокомпании влегоа на македонскиот авијациски пазар, „Луфтханза“ и „„Норвежијан“, со редовни или сезонски летови до Франкфурт, односно Осло.
Во меѓувреме, од скопскиот аеродром „Сан експрес“ најави дека чартер-летовите до Измир и Анталија ќе продолжат да сообраќаат како редовни летови од претстојната зимска сезона, а „Визер“ почна со редовни летови до Љубљана. Дополнително, „Ејџијан“ од 2 октомври 2023 година почна да лета до Сараево.
Охридскиот аеродром беше сведок на одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер-летовите до Белград на „Ер Србија“ и до Манчестер и Лондон („Гетвик“) на TUI.
Најчести дестинации од Меѓународниот аеродром „Скопје“, според статистиката на патничкиот сообраќај на „ТАВ Македонија“, за периодот јануари – септември 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома, IGA и Sabiha Gokcen со 10,8 % пазарен удел), Базел Милуз (6,1 %), Цирих (5,5 %), Виена (4,7 %), Дортмунд (4,5 %), потоа Франкфурт (4,2 %), Минхен Меминген (4,1 %), Анталија (4 %), Малме (2,6 %) и Келн (2,6 %).
Топ-5 земји со директни летови за јануари – септември 2023 година беа Германија (27,3 % удел на пазарот); Турција (16,9 %); Швајцарија (13,4 %); Шведска (6,7 %); и Италија (6,5 %).
Што се однесува до учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај за првите девет месеци од 2023 година на скопскиот аеродром, „Визер“ превезе најголем број патници (60,2 % удел на пазарот), потоа „Туркиш ерлајнс“ (7,4 %), „Пегасус ерлајнс“ (6,1 %), „Аустријан ерлајнс (4,7 %), „Чеар ерлајнс (3,7 %).
Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, од охридскиот аеродром е Базел (21,5 % удел на пазарот), потоа Виена (21 %), Дортмунд (16,4 %), Меминген (11,9 %), Малме (9,4 %), Цирих (9,3 %), Амстердам (8,8 %), а другите дестинации имаат 0,5 %.
Во моментот, според распоредот на летови, од Меѓународниот аеродром „Скопје“ летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, а од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид две авиокомпании летаат до 6 дестинации.