Од денеска македонските компании што увезуваат, извезуваат или транзитираат низ Србија камионите со стока ќе ги мерат само еднаш, што за македонското стопанство ќе значи заштеда на време и пари.
Директорот на Царинската управа на РС Македонија, Стефан Богоев, и директорот на Царинската управа на Србија, Бранко Радујко, минатиот месец потпишаа меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали т.н. кантарски белешки помеѓу двете земји.
Богоев истакна дека потврдата од српска царина за мерењето ќе важи и кај нас, а нашата ќе важи и кај нив.
„На пример, доколку македонска компанија извезува во земји од Европската Унија, камионот се мери на излез од Македонија, на граничниот премин Табановце, потоа на влез во Србија не се мери. Камионот транзитира низ Србија, стигнува на српско-хрватска или српско-унгарска граница, повторно на излез од Србија кон Хрватска или Унгарија не се мери, туку се мери при влез во Хрватска или Унгарија“, потенцира Богоев.
Заклучно со ноември 2023 година, трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 процента повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин Табановце, на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.
„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле два пати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а од денеска сите овие товарни возила ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе дејствува како сервис на бизнис-заедницата сè со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на овие цели“, вели Богоев.