Пуштен во употреба државниот пат Скопје – Блаце

Bez autora
Jan 30 2024

Завршија градежните активности за реконструкција на државниот пат А2 Скопје – ГП Блаце,во должина од 10 километри.

Вредноста на реконструкцијата изнесува 3,8 милиони евра, средства обезбедни од буџетот на ЈП за државни патишта.

На денешниот настан присуствуваа првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Груби истакна дека овие инфраструктурни проекти даваат дополнителен бенефит за сите граѓани и го подобруваат регионалното поврзување со соседите.

„При крај е фамозната двокилометарска делница од автопатот Скопје – Блаце, која исто така треба да биде завршена во текот на следните месеци, по што ќе следува најава за претстојната делница во должина од 10 километри. Оваа Влада во овие три и пол години, речиси четири, направи невидена револуција во инфраструктурата, а за тоа сведочат градежните компании, локалните власти, медиумите и граѓаните. Затоа сакам да му се заблагодарам на министерот за транспорт и врски, како и на директорот на патиштата, и да им честитам за сработеното“, рече Груби.

Бочварски потенцира дека станува збор за реконструкција на една патна делница, која е многу значајна за економијата, за транспортот и за извозот на македонските производи надвор од границите и затоа оваа реконструкција ќе донесе дополнителен инпут на трговските релации во регионот.

„Иднината на државата е токму развојот на инфраструктурата преку која ќе ги зголемиме трговските релации со земјите во регионот. Пред само два дена бевме во Крива Паланка, каде што го пуштивме во употреба реконструираниот државен пат до ГП Деве Баир, а веќе денеска сме тука да го пуштиме во употреба и државниот пат од Скопје кон граничниот премин Блаце и ова особено не прави горди бидејќи ги модернизиравме сите патни правци што водат кон нашите гранични премини со соседите. Оваа делница е дел од Рутата 6 од европската транспортна мрежа и е многу значајна за проширување на европските патни мрежи кон Западен Балкан“, изјави министерот за транспорт и врски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, во своето обраќање пред присутните изјави дека овој пат е дел од инвестицискиот циклус од 400 милиони евра, што се реализира изминатата година.

„Моја заложба како прв човек на jавното претпријатие за државни патишта беше и останува да се обезбеди квалитетно патно поврзување на државата со сите соседни држави. Секоја добра патна врска со соседите носи и подобри услови за размена на стоки и услуги, за развивање на бизнисите, за развој на регионалниот туризам, но да не го заборавиме и сигурното и безбедно патување на патниците. Должината на овој пат што се рехабилитира е вкупно 10 км, а широчината на коловозот е 7,7 метри. Вредноста на изведената рехабилитација изнесуваше 3,8 милиони евра“, истакна Рустеми.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik