Поради енергетската криза, како и војната во Украина, растат цените на храната на светските пазари, што се отсликува со зголемени цени на прехранбените производи и зголемена инфлација во регионот и Европа, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Според него, навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10 на 5 % кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите, кои се со гарантирана цена, даваат реални резултати.
„Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5 % од рекордните 19,8 отсто во октомври минатата година. А денеска угледната веб-страница www.tradingeconomics.com забележува дека Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храната од 4,36 %.
За споредба, во непосредното опкружување и регионот Србија бележи раст на цените на храната од 10,5 %, Албанија 7,8 %, Бугарија 7,6 %, Грција 9,93 %, Косово 3,9 %, Црна Гора 3,8 %, Хрватска 8,7 %, Романија 8,66 %, Босна и Херцеговина 6,24 %, Турција 71,99 %, Словенија 7,32 %“, нагласува тој.
Ова, како што додава, е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за граѓаните и граѓанките на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард и во исто време да го унапреди преку константно зголемување на пензиите и на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис-клима, каде што растот на платите во приватниот сектор ќе продолжи и понатаму.
Дополнително, оценува дека со носење на новиот закон за нефер трговски практики, ќе се ограничат појавите на волунтаристички и неетички бизнис-практики, кои дополнително ќе ги заштитат граѓаните, објави Битиќи на социјалните мрежи.